Коалиција на младински организации СЕГА и Младински Центар Охрид, го организираа Првиот Национален Форум за Младинска Работа – тридневен настан кој ги обедини младинските работници, институциите, организациите, општините и младите од целата држава во заеднички напор за унапредување на младинската работа во Македонија.

Форумот беше посветен на анализа на тековните практики, размена на искуства и креирање иновативни решенија за подобрување на младинските услуги и центри. Учесниците активно работеа преку панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии фокусирани на системска поддршка, локални модели на младинска работа и можности што ги нудат европските програми.

Главната цел на настанот беше поттикнување дијалог и заедничко дејствување меѓу младинските работници, институциите и организациите за унапредување на младинските услуги.

Прв Форум за Младинска Работа во Македонија

Како клучен резултат, учесниците ја усвоија Декларацијата за развој и унапредување на младинската работа – важен чекор кон појасни стандарди и посилна системска поддршка за младите.

Во текот на трите дена, учесниците се посветија на ревизија на претходно предложените препораки, дефинирање актуелни предизвици и креирање конкретни предлози за подобрување на младинските политики на локално и национално ниво. Настанот беше збогатен и со неформални активности, овозможувајќи дополнително вмрежување и размена на идеи меѓу сите присутни.

Форумот официјално заврши, но процесот продолжува. Заклучоците и договорените препораки ќе бидат јавно споделени и доставени до релевантните чинители, со заедничка визија за градење силен, поврзан и одржлив младински екосистем во земјата.

Младинскиот Центар Охрид е раководен од Коалиција СЕГА, со финансиска поддршка од Општина Охрид.

Автор: Коалиција Сега