Прва заедничка прекугранична патрола во планинскиот масив Шара–Кораб

Центарот за одржлив развој на заедницата (CSCD), член на Мрежата на Фондацијата Ана Линд, беше клучен партнер во организирањето на првата заедничка прекугранична патрола во заштитениот планински масив Шара–Кораб, важен чекор кон регионална соработка и заштита на природата. Планинскиот масив Шара–Кораб е една од најголемите заштитени зони во Европа со површина од околу 244.000 хектари, и се протега низ три балкански држави: Косово, Албанија и Северна Македонија. Во оваа зона се вклучени четири заштитени подрачја: Националниот парк Шара (Косово), Природниот парк Кораб-Коритник (Албанија), Националниот парк Маврово, и Националниот парк Шар Планина (Северна Македонија).

Овој настан се организираше во рамките на иницијативата „Природа без граници“, поддржана од тројната меѓудржавна спогодба меѓу министерствата за животна средина на трите земји и се спроведува преку заеднички програми и проекти. Меѓу нив е и тековниот проект „Заштита и одржливо користење на заштитените подрачја во Шар Планина, Маврово и Кораб-Коритник“, финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), а спроведуван од ALCDF, во партнерство со CSCD и LAG Дебар Туристичка.

Патролата опфати рута од над 10 км од македонска страна (од с. Жировница) и 8.5 км од албанска страна (од бачилата кај Иљница до пасиштата кај Рабдишта), со средба на граничната пирамида бр. 9 на планината Веливар. Патролата ја изврши заеднички тим со претставници од управите на заштитените подрачја, граничната полиција, противпожарните единици и локалните чувари на природа од двете земји.

Целта беше подобрување на координираниот мониторинг и управување со прекуграничните заштитени зони, како и превенција од незаконски активности како што се собирање лековити растенија, нелегални премини, криволов и преголемо пасење. Со помош на дронови и двогледи беа евидентирани траги од дива коза, елен, орел, мечка, како и пожароопасни локации.

Мисијата заврши со размена на информации, контакти и искуства, со акцент на потребата од постојана меѓуинституционална координација. Албанската страна се обврза на засилена контрола на пунктовите за собирање лековити билки, со цел заштита на видови како боровинка салеп и иглица.

Следните заеднички патроли ќе продолжат во текот на јуни–септември 2025, како дел од напорите за одржливо и прекугранично управување со природата.

Автор: Центарот за одржлив развој на заедницата (CSCD)