 
        
        
      
    
    ИАРБ УЧЕСТВУВАШЕ НА НАСТАН ВО ВИЕНА
Од 20 до 25 октомври 2025 година, четворица претставници од Институтот за применети истражувања за бизнис учествуваа на петдневниот настан за учење, настава и обука „Digitally Empowered Wonder Learning“, што се одржа во Виена, Австрија, во рамките на Еразмус+ проектот „Wonder Learning for Digital Natives“.
На тренингот, организиран од Primera: Zentrum für Pädagogische Fortbildung Vienna, учествуваа едукатори и партнери од С. Македонија, Турција, Босна и Херцеговина, Литванија, Романија, Австрија и Португалија. Фокусот на настанот беше на развивање иновативни и дигитални педагошки вештини и поттикнување на едукаторите да создаваат инклузивни и инспиративни средини за учење што ја поттикнуваат љубопитноста и креативноста кај учениците.
Во текот на програмата, учесниците се запознаа со теми како креативно размислување, употреба на вештачка интелигенција во образованието и безбедност во дигиталната средина. При интегрирањето на технологијата во наставата, фокусот не беше само на користење уреди и апликации, туку на постигнување на петте цели на учење според методологијата „Чудесно учење ( анг.Wonder Learning): поврзување, комуникација, селектирање, соработка и креирање. Настанот вклучи и други едукативни и културни активности, помеѓу кои и посета на Канцеларијата на Обединетите нации во Виена, каде што учесниците присуствуваа на сесија за Целите за одржлив развој (SDGs) на ОН.
Престојот во Виена придонесе за зајакнување на меѓународната соработка и размената на квалитетни образовни практики меѓу европските институции, потврдувајќи ја посветеноста на Институтот за применети истражувања за бизнис од Скопје кон унапредување на иновациите, партнерството и квалитетот во образованието. Ова претставува важен чекор кон постигнување одржливи резултати од проектот и создавање современо, инклузивно и дигитално образование.
Автор: Институтот за применети истражувања во бизнисот (IARB)
