ИНДЕКС ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО

Младински Сојуз – Крушево неодамна ја објави најновата верзија од Индексот за младинско учество кој прикажува податоци за политичкото, економското и социјалното учество на младите од целиот регион на Западен Балкан, преку 25 политички, економски и социјални индикатори. Оваа алатка е развиена од мрежата Младински Хаб за Западен Балкан и Турција (YHWBT)’ основана уште во 2016 година со главна цел за зголемување на младинското учество во овој регион. Индексот ги истакнува предизвиците за младинското учество и нуди конкретни препораки кои се креирани врз база на податоци, за носителите на одлуки, креаторите на политики и младинските организации.

Индексот за младинско учество за 2023 година покажува дека младите во Северна Македонија сè уште се соочуваат со сериозни бариери за активно учество во општеството – особено во политиката, економијата и социјалниот живот. И покрај изградениот институционален и правен основ за младинско учество, сеуште се забележуваат сериозни предизвици при имплементацијата и просторот за реално учество останува ограничен. Недостатокот на младински структури за учество на локално ниво, ниската застапеност на млади во политичките процеси, економската несигурност и неизвесност, и ограничениот пристап до поддршка се само дел од проблемите кои ја прават младинската перспектива ранлива.

Извор: Младински сојуз -Крушево

Во поглед на политичкото учество, и покрај постоењето на национално тело за млади, младите се длабоко потценети во институциите – во 2023 година немало ниту еден млад министер ниту пак заменик-министер, а само 1,2% од градоначалниците биле под 30 години. Дополнително, иако предвидени во секоја општина, локалните младински совети се креирани во помалку од една третина од општините, што претставува сериозна пречка за локалното младинско учество.

Во поглед на економското учество, Индексот посочува дека Северна Македонија се соочува со висока стапка на младинска невработеност (24.9%) и неактивност – дури 24.1% од младите се дел од категоријата НЕЕТ (не се ниту вработени, ниту во образование, ниту обука). Ова е далеку од европските цели каде оваа стапка изнесува во просек 11,2%. Дополнително, иако има подобрување во однос на долгорочната невработеност и пристапот до субвенции, сепак стапките на самовработување кај младите, особено кај младите жени, остануваат ниски – 1,01%. И во поглед на социјалното учество, стапката на ризик од сиромаштија кај младите е висока, а младите сочинуваат речиси една третина од корисниците на социјална помош во земјата. Иако стапката на рано напуштање на образованието е ниска, малку млади дипломираат од високо образование, а учеството во неформално образование е речиси занемарливо. Индексот се спроведува во рамките на проектот „Посилни гласови за подобри избори“ кој е поддржан од страна на Европската Унија.

За повеќе информации, ве покануваме да го разгледате целиот Индекс за младинско учество за 2023 година. Ајде заедно да ги истражиме податоците за млади, младинското учество и да се залагаме за подобри можности.

Автор: Младински сојуз Крушево