Едукација за граѓанско учество на жените во руралните заедници

Во јуни 2025 година, Здружението за рурален развој ЛАГ Агро Лидер успешно организираше серија едукативни сесии со жените од селата Дебреште (општина Долнени), Бучин (општина Крушево), Воѓани и Бела Црква (општина Кривогаштани). Сесиите беа насочени кон зајакнување на граѓанското учество на жените преку нивно активно вклучување во препознавање на локалните предизвици и развивање на заеднички решенија.

За време на работилниците, учесничките водеа структуирани дискусии за прашањата кои го засегаат нивниот секојдневен живот, вклучувајќи пристап до јавни услуги, развој на инфраструктурата, социјална поддршка и родова еднаквост. Преку интерактивни методологии и фасилитирани дијалози, жените имаа можност да:

 идентификуваат и приоритизираат најгорливи локални проблеми,

 формулираат реални и одржливи решенија,

 се запознаат со механизмите за учество во локалните процеси на одлучување и буџетирање.

Овие активности претставуваат многу повеќе од едукација. Тие го означија почетокот на процесот на јакнење на женскиот глас во руралните средини и создавање мрежа на активни жени кои ќе придонесат за локалниот развој. Веруваме дека кога гласот на жените е слушнат, заедниците стануваат посилни и поотпорни.

Оваа иницијатива е реализирана во рамки на проектот „Гласови од руралните заедници: Зајакнување на жените за локално застапување“ спроведуван од ЛАГ Агро Лидер, со поддршка на Акција Здруженска и Квина тил Квина фондацијата.

Автор: ЛАГ АГРО ЛИДЕР