
Македонската мрежа на Фондацијата Ана Линд со учество на АЛФорумот 2025 во Тирана
Во периодот од 18 до 20 јуни 2025 година, во Тирана се одржа АЛФорумот еден од најзначајните настани на Фондацијата Ана Линд кој обединува чинители од целиот евро-медитерански регион. Годинешното издание се одвиваше на три локации: Меѓународниот хотел, Тирана Националната опера и Скендер Бег плоштадот во Тирана.
Форумот понуди разновидна програма исполнета со сесии, панели и интерактивни работилници, посветени на теми како што се интеркултурниот дијалог, младинското учество, дигиталната трансформација и општествената отпорност. Македонската мрежа беше присутна со повеќе свои членки, кои имаа активно учество и споделија искуства и иницијативи што ги спроведуваат на локално ниво.
Една од сесиите беше организирана во формат на работилница и ја модерираше Симона Славкова, координаторка на Македонската мрежа во име на АЛДА за Балканот. Во сесијата учествуваа експерти од Египет, Грција, Кипар и Северна Македонија, а низ дијалогот се отворија важни прашања за улогата на младите во градењето на мостови меѓу културите, како и за значењето на дигиталните алатки во тој процес.
Извор: АЛДА за Балканот
Присуството на македонските организации беше препознаено и преку индивидуални придонеси на членките од мрежата. Ксенија Николова од BW2CLUB учествуваше на сесијата посветена на жените, идентитетот и влијанието, каде што беше ставен фокус на улогата на жените активистки и нивната видливост во јавниот простор.
Никола Јазаџиски од Европското движење – ЕММК учествуваше на панел дискусијата „Отпорност, култура и борба против дезинформациите“.
Милчо Дули од СФЕРА Интернешнал беше дел од сесијата „Предизвикување на родовите стереотипи: Јакнење на жените во евро-медитеранскиот регион“.
Go Green – Биди Зелен и Вистински Дела На Љубезност приредија автентично кулинарско искуство. Готвеа македонско гравче, подготвија салата и потпечија лепче, користејќи вишок храна што беше земен од локалниот пазар во Тирана. Храната беше дегустирана од посетителите на форумот и случајни минувачи, а поголем дел од припременото беше наменето за бездомни и социјално загрозени лица во градот.
Особено значаен момент за форумот беше и присуството на Нејзиното кралско височество, принцезата Рим Али. Интервјуто со неа, кое го реализираше Филијана Кока (CSCD) е веќе објавено и достапно на веб-страницата на Македонската радио телевизија.
Присуството на Македонската мрежа на овој форум е уште една потврда за активната улога на нашите организации во унапредувањето на вредностите на дијалог, соработка и граѓанска ангажираност, како и за видливоста на македонскиот глас во рамки на евро-медитеранскиот простор.
Автор: Симона Славкова (АЛДА за Блаканот)